Иванов демантира средба со посредник на Јанакиески и разговори за амнестија
Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов демантира дека Претседателот се сретнал со посредник на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, на која наводно се барала амнестија за сега обвинетиот Јанакиески.
„Ја информираме јавноста дека ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК, класифицирана „строго доверливо“, а која е основ за определување на мерката притвор. Миле Јанакиески телефонски побара средба со претседателот Иванов која е одржана на 13.11.2018 година, вторник во 16:00 часот во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.
Во соопштението се наведува дека станува збор за конструкција на лаги со цел да се инволвира претседателот Иванов.
„Сето ова претставува груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина. Останува нејасно, врз основа на што се следат активностите на претседателот Иванов и неговиот Кабинет од страна на УБК“, се наведува во соопштението, при што се бараат итни одговори од министерот за внатрешни работи, од директорот на УБК и од Основниот суд Скопје 1.
Претходно, и адвокатот на Јанакиески рече дека не е точно дека посредник на неговиот клиент се сретнал со претседателот, туку дека поранешниот министер бил на средба со Иванов.
Службената белешка на УБК, според која, Јанакиески преку посредник барал амнестија од Иванов, но не ја добил, и затоа може да избега, беше искористена како основ да му се определи притвор.