Најмалку 50 убиени во затворските немири во Таџикистан
Најмалку 50 затвореници биле убиени во минатонеделните немири во затвор во Таџикистан, изјавија за Радио Слободна Европа државни функционери кои инсистираа на анонимност. Првично беше соопштено дека во немирите има двојно помалку жртви. Таџикистанските власти официјално не соопштиле ништо за немирите од 7 ноември.
Извори блиски до владата и до безбедносните служби, претходно за РСЕ рекоа дека во судирите во затворот во Хуџанд биле убиени 24 луѓе, меѓу кои и двајца затворски чувари.
Исламската држава ја презеде одговорноста за почетокот на крвавите насилства во затворот, наведувајќи дека еден нивен борец ги почнал судирите во затворот со тоа што убил еден затворски чувар.
Извори блиски до владата и безбедносни претставници за Радио Слободна Европа потврдија дека насилствата во затворот биле организирани од поддржувачи на Исламската држава, осудени за тероризам и екстремизам.
Владата се уште не кажала ништо за немирите. Локалните власти само потврдија дека имало судири, но не даде детали.
Затворот во Хуџанд е со висок степен на обезбедување и во него главно се сметуваат затвореници осудени за тероризам и екстремизам, како и за други тешки кривични дела. Во затворот се сместени 800 затвореници.
Според владините податоци, над 1000 Таџикистанци биле во Ирак и во Сирија да се борат на страната на Исламската држава.