Магацините на Македонски шуми затрупани со конфискувани возила од дрвокрадци
Магацините на ЈП „Македонски шуми“ наместо со огревно дрво се полни со запленети возила од дрвокрадци. Вкупно десет илјади разни возила „лежат“ во магацините, а над 1.000 од нив се во магацинот на Шумското стопанство „Беласица“ во Струмица, информираат од ова јавно претпријатие.
Во магацинот во Струмица има секакви возила, но највпечатливи се многубројните приколки оставени во голем куп. Се забележува дека голем дел од возилата стојат тука подолго време и се обраснати во трева.
„Нашиот магацин изгледа како отпад за стари возила. Тие што ги одземаат МВР и Шумската полиција завршуваат тука и сè до правосилноста на пресудите не смеат да се отуѓуваат“, вели Никола Ристов, шеф за заштита на шуми при ШС „Беласица“ од Струмица. Додава дека досега многу пати апелирале да се исчисти магацинот од старите возила и да може да ги користат за складирање огревно дрво.