Трамп и се закани на Турција со санкции поради притворениот свештеник
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Вашингтон е спремен да воспостави “големи санкции” за Турција ако властите не го ослободат американскиот свештеник кој сега се наоѓа во куќен притвор.
На социјалната мрежа Твитер, Трампнапиша дека САД ќе воспостават санкции поради долгото држење во притвор на свештеникот Ендрју Брансон кого го нарече голем христијанин, фамилијарен човек и прекрасно човечко суштество. Претседателот на САД наведе и дека тој невин човек треба веднаш да биде ослободен.
Брансон водеше протестантска црква во Измир и беше приведен во октомври 2016 година. Тој е обвинет за делување во име на мрежата на свештеникот Фетула Ѓулен кого Анкара го смета за одговорен за неуспешниот пуч во јули 2016 година. По објавата на Трамп, турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, исто така на социјалната мрежа Твитер, напиша дека никој не можел да и издава наредби на Турција и дека никогаш немало да толерираат закани без разлика од кого доаѓале.