Харадинај: Косово и онака е мало, нема делење
Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај денеска уште еднаш ја отфрли секоја идеја за поделба на Косово и размена на територии со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај одби да зборува за идеите кои во последно време се пласираат во српските и косовските медиуми од страна на политичари и аналитичари од двете земји за поделба на Косово.
“На кое Косово? Косово и онака е мало, нема делење”, одговори Харадинај на новинарско прашање во Урошевац.
Косовскиот премиер изјавата ја даде на отворањето на Саемот на земјоделски производи и ракотворби во Урошевац, на кој, покрај косовските, учествуваат и компании од Македонија и Албанија.