Утврден календарот пред преговорите со ЕУ, скринингот почнува со правосудството
Календарот за скрининг процесот за подготовка на Македонија за пристапни преговори со ЕУ е утврден и во септември се отвора Поглавјето 23 за правосудство и основни права, изјави денеска вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој е главен преговарач на Македонија.
„Имаме прелиминарен договорен календар за скенирање на поглавјата. Во меѓувреме работиме на создавање на државната структура и верувам ќе бидеме подготвени веќе на следната седница на Влада да ја усвоиме структурата. Во септември ќе започне скринингот на поглавјето 23, потоа почнува поглавјето 24, па следат 5, 30,... Имаме целосен календар како тоа ќе се случува се до јуни 2019 година. Меѓутоа, паралелно ние работиме на воспоставување на структурата и подготовка на државата за овој важен процес“, рече Османи, кој со норвешкиот амбасадор во земјата потпиша Меморандум за соработка чија цел е поддршка на процесот на евроинтеграциите.
Вицепремиерот нагласи дека процесот на скринингот паралелно ќе се одвива со уште два процеса, а тоа се имплементацијата на Договорот од Преспа и итните реформски приоритети преточени во Планот 18.
„Покрај тоа што ќе имаме скрининг процес, ние ќе работиме интензивно и на продолжување на имплементацијата на стратегијата за реформа во правосудството, безбедносни служби и јавната администрација со испорака на конкретни резултати јуни до 2019 година“, рече Османи.