Рот: Македонија нема друг пат кон Европа, освен преку спогодбата со Грција
Германскиот министер за Европа Михаил Рот изјави дека Македонија нема друг пат кон Европа, освен преку прифаќање на спогодбата со Грција со која се решава деценискиот спор за името. На средбата со неговиот македонски колега во Скопје Никола Димитров, Рот дополни дека референдумот мора да биде успешен и оцени дека договорот е историски, а Европа е горда на двете земји.
Министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров изјави дека очекува голема поддршка од пријателите на Македонија во текот на референдумот за конечен позитивен исход и повика на одговорност во одлуките од државен интерес.
Михаил Рот утре треба да се сретне со лидерот на опозицијата Мицкоски, на кого ќе му порача дека одговорни одлуки се неопходни без оглед на околностите.