Фич го потврди рејтингот на Македонија - ББ со позитивен изглед
Меѓународната агенција за кредитен рејтинг Агенцијата „Фич” го потврди рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед. На потврдата на рејтингот ББ влијаеа континуираната кохерентност на макроекономската и финансиската политика, кои го поддржуваат стабилниот девизен курс.
Позитивниот изглед пак го одразува постабилното политичко окружување што резултира со повисока економска доверба, пренасочувањето на политиките кон членство во ЕУ и подобрените меѓународни односи, нагласува Фич. Во извештајот Фич нотира дека Владата постигнала кредибилен напредок во остварувањето на заложбите од промената на власта во јуни 2017 година, вклучувајќи го и имплементирањето на итните иницијативи како дел од реформскиот „План 3-6-9“, како и прашањата на транспарентноста и независноста на јавните институции.
Особено се истакнува подобрувањето на фискалната транспарентост, како и чекорите за подобрување на деловниот амбиент за малите и средните претпријатија. Исто така нотиран е и напредокот во прашањето околу името, одлуката на Советот на ЕУ за преговори за членство во јуни 2019, како и формалната покана од НАТО за зачленувањето на Македонија по решавање на спорот со името. Притоа, се спомнува дека резултатите на референдумот може да предизвикаат политичка неизвесност.
Фич оценува дека растот на БДП од 2,7 отсто годинава ќе забрза во следните две години, укажувајќи дека продолжената политичка стабилност и постепеното закрепнување на инвестициите ќе го зголемат растот на среден рок. Понатаму, се оценува дека јавните финансии се во линија со оние на други слични земји. Притоа Фич проектира дефицит во 2018 година од 2,6 отсто од БДП, а државниот долг ќе изнесува 42,3 отсто од БДП.