ЕК и Македонија потпишаа договор за спречување на илегална миграција и прекуграничен криминал
Европската Комисија и Македонија денеска во Брисел ја парафираа спогодбата за соработка на граничните полиции, позната како Фронтекс 2, по повеќемесечни преговори.
Откако ќе стапи на сила овој договор, европските граничари ќе имаат поголеми овластувања и ќе можат да интервенираат на граничните премини, заедно со националните безбедносни сили. Фронтекс 2 има за цел да ги зајакне надворешните граници на ЕУ и да се бори против илегалната миграција, јави дописничката на МИА во Брисел.
- Откако договорот ќе стапи на сила, тимовите на Фронтекс со извршни овластувања ќе можат да вршат гранични контроли на граничните премини заедно со националните сили, ова ќе донесе значајна додадена вредност, изјави еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.
Европската Комисија го поздрави продлабочувањето на соработката со земјите од Западниот Балкан, сличен договор се потпишува со Албанија, а се преговара и со Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, каде се појавуваат нови бегалски рути, прецизираше македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
"Сето ова е потребно за да се справиме со миграциските предизвици истовремено зачувувајќи го слободното движење", истакна Аврамопулос.
За министерот Спасовски овој договор е резултат на посветеноста на Македонија за справување со илегалната миграција