Туск до Трамп: Не заборавајте кој ви е стратешки партнер кога ќе се сретнете со Путин
Драг претседателе Трамп, Америка нема подобар сојузник од ЕУ. Ние издвојуваме за одбрана повеќе од Русија и исто колку и Кина, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, по потпишувањето на договорот за соработка помеѓу ЕУ и НАТО, а непосредно пред почетокот на Самитот на Алијансата, објави АП.
Туск во порака до Трамп, рече дека секогаш е убаво да се знае кој ти е стратешки партнер, а што ти е стратешки проблем, со оглед на тоа дека Трамп ги критикува членките на НАТО дека не придонесуваат за буџетот на Алијансата и не издвојуваат доволно за буџетите за одбрана.
„Господине претседателе, ве молам запамтете го ова кога утре ќе се сретнеме на Самитот на НАТО. Запамтете го ова кога ќе се сретнете со Путин во Хелсинки“, му порача Туск на Трамп, потсетувајќи го американскиот претседател дека Европејците издвојуваат за одбраната повеќе од Русија..