Австрија нуди своја војска на Балканот и во Северна Африка за контрола на приливот мигранти
Австрија нуди да испрати свои војници на Балканот или во Северна Африка да помогнат во контролата на приливот мигранти во Европа. Австриските министри за одбрана и за внатрешни работи, Марио Кунасек и Херберт Кикл денеска изјавија дека војниците би можеле да бидат распоредени долж надворешните граници на ЕУ преку билатерални договори за „мисии за помош“ или како поддршка на европската агенција за заштита на границите – Фронтекс.
Двајцата министри би сакале соработката војска-полиција да биде модел за чување на надворешните граници на ЕУ.
Неколку стотини војници во моментов ѝ помагаат на австриската полиција во контролата на границите со Словенија, Унгарија и со Италија. Кикл рече дека војската помага од 2016 година затоа што полициските сили се преоптоварени поради недостигот на контрола на надворешните европски граници.