Членови на обезбедувањето на Гаши повредени во сообраќајка на патот Охрид-Кичево
Претседателот Гаши го потврди инцидентот за време на посетата на пратеничките канцеларии во Охрид, нагласувајќи дека тројцата полициски службеници се подложени на неопходни медицински прегледи и се надвор од животна опасност.
„Веднаш ги посетивме во болницата. Докторите потврдија дека нема сериозни повреди, но ќе останат на опсервација за секој случај. Најважно е што сите тројца се во ред,“ изјави Гаши.
Тој ја искористи ситуацијата за да испрати порака до изведувачите на автопатот Кичево-Охрид, повикувајќи на интензивирање на градежните активности. „Ова е уште еден потсетник за сите нас. Лошата состојба на патиштата го загрозува секој граѓанин. Посакувам брзо закрепнување на повредените и апелирам за побезбедна инфраструктура,“ додаде тој.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата се случила околу 10:45 часот, кога возило „Сеат Алтеа“, управувано од полициски службеник и сопственост на Министерството, излетало од патот. Во возилото биле тројца полициски службеници, кои сите се здобиле со полесни повреди.