Коронавирус на Балканот-секаде трицифрени бројки
Дневниот биланс кој го соопштуваат надлежните здравствени власти во земјите на Балканот покажува дека епидемијата со коронавирусот во регионот не е смирена, а некаде зема и замав.
Во соседна Србија во последните 24 часа се регистрирани 158 новозаразени и тројца починати, со што вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата досега надмина 30 000, а вкупно починати се 684 луѓе.
Хрватска, пак, бележи свој рекорд за едно деноноќие- 219 новозаразени и двајца починати. Во Босна и Херцеговина за истиот период има 340 нови случаи и 12 починати, со што вкупниот број на заболени во федерацијата од почетокот на епидемијата досега е 16 453, а досега починаа 500 лица.
СЗО: Колективен имунитет само со вакцина
Во соседно Косово во последното деноноќие регистрирани се 162 нови случаи, девет лица починаа, со што вкупната бројка на заболени досега е 11848, а на починати 425. Грција, пак, како што јавува агенцијата АНА МПА одлучи да воведе и нови мерки на островот Миконос и на Халкидики, како забрана забави со жива музика, литии, пазари, забрана за јавни и приватни собири на над девет лица, задолжителна маска и надвор и во затворените објекти и други, откако беа регистрирани 269 нови случаи, а две лица починаа во последните 24 часа.
И Бугарија регистрира трицифрена бројка за едно деноноќие. Регистрирани се се 169 нови случаи, со што вкупната бројка на заболени изнесува 14 669, а починаа седум луѓе со што бројката на луѓе кои ја загубија битката со вирусот се искачи на 519.
1902 тестирани, 108 нови корона позитивни и двајца починати
Во Македонија, како што информираше Министерството за здравство во последните 24 часа се направени 1902 тестирања, а регистрирани се 108 нови случаи на ковид-19 , двајца починати и 112 оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 13076, бројката на оздравени пациенти е 9625, на починати е 551, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2900.