Копач: Поскапувањето на струјата да не се политизира
Поскапувањето на струјата нема да се одрази на цените на другите продукти, туку единствено на сметките на граѓаните. На енергетскиот сектор му е потребна визија, а не политизирање на одлуките донесени од независниот регулатор кој работи транспарентно и професионално и кој беше прогласен две години по ред за најдобар меѓу земјите кои ги мониторира Енергетската заедница. Задача на Регулаторот е да ги балансира различните и понекогаш спротивставени интереси во енергетскиот сектор, истовремено дејствувајќи независно од Владата и од енергетскиот сектор, додека интерес и обврска на Владата е да обезбеди заштита на потрошувачите и да ги разгледа можностите за да се намали ударот од зголемената цена на електрична енергија за граѓаните кои се директно погодени од корона кризата, смета директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена, Јанез Копач.
Бислимоски: Фотелјите од телешка кожа не влијаат на цената на струјата
Како што соопштија од македонската Регулаторна комисија, Копач ова му го кажал на претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски. во телефонски разговор во кој Копач порачал и дека државата не треба да ги субвенционира сметките за електрична енергија на највисоко платените менаџери и другите граѓани со високи примања кои, како што оценил, се субвенционирани со нереално ниски цени во моментов.
„Треба да се разгледа можност да се воведе привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лица кои ќе влезат во групата за субвенционирање сметки со вклучување граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза на пример оние граѓани кои се останати без примања. Но, тоа не значи дека секој треба да добие помош“, му рекол Копач на Бисломоски.