Филипче: Имаше потфрлања во контролата на почитувањето на мерките
Мора да има санкција таму каде не се почитуваат мерките. Изминатиот период имаше потфрлања, не се контролираа луѓето и местата каде се организираа настани. Но, и граѓаните мора да се свесни дека мерките треба да се почитуваат за да го заштитат сопственото и јавното здравје, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
„МВР во изминатиот период можеше да биде поинтензивно на терен и граѓаните да станат свесни дека има институција која се грижи. Но, мора и граѓаните да се свесни дека мерките мора да се почитуваат“, рече Филипче.
Оцени дека ситуацијата во земјава е под контрола на што укажуваат податоците за сериозно намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот период и на помалиот број случаи на хоспитализирани. Според него, добро е и тоа што со зголемувањето на бројот на направени тестови откриени се и голем број асимптоматски случаи што придонесува во намалувањето на ширењето на вирусот.