Рочиште за „крвавиот четврток“: „нападите беа диригирани“
Нападите врз пратениците на 27 април во Собранието изгледаа како да се командувани, рече Ацо Ангеловски - поранешен телохранител на Оливер Спасовски во својство на сведок на денешното судење во Кривичниот суд за насилствата во Парламентот минатата година. Ангеловски сведочи дека според негово мислење целиот напад бил насочен кон Зоран Заев, Оливер Спасовки, Петре Шилегов и останатите пратеници.
На прашања од обвинителката Вилма Рускоска, сведокот кажа дека на 27 април откако заедно со Спасовски стигнале до Собранието му било чудно и невообичаено што има многу малку полицајци околу зградата и оти околу 18 часот добил повик од колегата Сашо Тасевски, кој му рекол дека имаат наредба да влезат во прес салата на Собранието, бидејќи им се загрозени животите на Спасовски и останатите. Во Собранието влегле од главниот влез, каде веќе биле отворени вратите.
„Кога влеговме во прес центарот Спасовски и останатите беа во еден ќош. Имаше голем број луѓе со фантомки, а толпата маваше со што ќе стигне. Многу од пратениците беа повредени и ние застанавме во жив штит, рече Ангеловски. Бев удрен со метална шипка во главата, за што имам и лекарска документација“, рече Ангеловски.
„Бевме колабирани и веќе час и половина не мачеа. Бев во шок и слушнав само некој како дава наредба убијте ги. Масата веќе тргна кон нас и јас ја извадив полициската легитимација и пиштолот. Викнав полиција отстапете и испукав еден куршум. Тогаш како толпата да отстапи. Ова беше по моја одлука и убедување бидејќи 12 години имам рабоетно како обезбедување во Собранието“, рече Ангеловски.
За случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.