ВМРО-ДПМНЕ со кривична пријава за Заев за поткуп на гласачи
Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски денеска на прес-конференција изјави дека партијата ќе поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев за поткуп на гласачи.
„Бараме Републичкиот Јавен обвинител, да излезе од сенката на пупката која Зоран Заев ја „расцвета“ во правосудниот систем, и да постапи согласно член 39 од Законот за кривична постапка при што ќе отвори истрага за наводите во кривичната пријава која ја поднесуваме“, рече Димовски.
Во кривичната пријава, како што наведе, тој, го известуваат обвинителот Љубомир Јовески дека на 13 септември, Заев, јавно, на трибина во Крива Паланка, им ветувал поткуп на граѓаните за да излезат да гласаат на референдумот. Димовски наведе дека очекуваат од Јовески веднаш поведе постапка и да ги преземе сите мерки за спречување на кривичното дело до страна на Заев.