Поранешен ирански потпретседател осуден на 6,5 години затвор
Поранешниот ирански потпретседател, кога претседател беше Махмуд Ахмадинеџад, Есфандиари Рахим Машаеи, е осуден на 6,5 години затвор под обвинение за загрозување на националната безбедност, објавија денеска иранските медиуми. Советникот за печат на Ахмадинеџад, Али Акбар Џаванфекр, беше осуден на четири години затвор во истиот случај. Јавниот обвинител за Државната новинска агенција ИРНА изјавил дека тие имаат право на жалба во наредните 20 дена.
Конзервативецот Ахмадинеџад, кој беше претседател од 2005 до 2013 година, претходно го критикуваше моќното иранско праводуство за апсење на неговите соработници иподдржувачи, меѓу кои и Машаеи кој беше уапсен во март годинава.
Хамид Багаеи, кој исто така беше потпретседател и близок соработник на Ахмадинеџад, во декември беше осуден на 15 години затвор за корупција.
Советот на чувари, кој ги одобрува претседателските кандидати, во 2017 година им забрани на Ахмадинеџад и на Багаеи да се кандидираат на изборите на кои претседателот Хасан Рохани доби втор мандат.