Одложено рочиштето за „Титаник“ поради отсуство на Протуѓер
Судењето за предметот на СЈО „Титаник“ денеска беше одложено поради отсуство на обвинетиот Мартин Протуѓер. Адвокатот на Протуѓер му достави на судот лекарска документација и објасни дека обвинетиот ноќеска во два часот бил однесен на ургентен центар.
Обвинителката Лиле Стефановска рече дека со лекарската документација се докажува спреченоста на обвинетиот да присуствува на рочиштето, но таа е со важност од седум дена.
На денешното рочиште беа присутни сите останати обвинети. Освен Протуѓер, во „Титаник“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и други поранешни функционери за повреда на избирачко право, злосторничко здружување, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања во 2011 година.