Косовската влада ја откажа посетата на Вучиќ на Бање, тој сепак ќе оди
Српскиот претседател Александар Вучиќ сепак тргна кон селото Бање во општината Србица, иако косовската Влада ја откажа неговата посета бидејќи КФОР и косовската полиција не можат да му гарантираат безбедност.
Вучиќ претходно изјави дека и покрај информациите за блокада на патот, по кој треба да помине денеска кон селото Бање, ќе се обиде по друг, околен пат за да стигне до селото, но сепак изрази сомнеж дека ќе успее.
“Тешко дека ќе стигнеме, ќе видиме”, изјави Вучиќ и побара од српските медиуми да останат во косовска Митровица и да не тргнуваат по тој пат.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај претпладнево објави дека ја повлекол дозволата дадена на српскиот претседател Алекдандар Вучиќ за посета на регионот Дреница, јави дописникот на МИА од Приштина.
“Безбедноста на граѓаните е над се. Ја повлеков дозволата издадена од Министерството за надворешени работи за посета на српскиот претседател на регионот на Дреница. Одлуката стапува во сила веднаш”, објави Харадинај на Фејсбук.
Одлуката на Харадинај уследи по протестот на неколку стотици ветерани на Ослободителната војска на Косово и жители на Скендерај (Србица) и другите населени места од регионот, кои со камиони и дрва го блокираа патот низ кој треба да помине Вучиќ за да го посети тамошното село Бање, населено со Срби.