Русите гласаат на локални избори
Руските граѓани денеска гласаат на регионални и локални избори во атмосфера на невообичаени јавни несогласувања поради контроверзниот владин план за зголемување на возрасната граница за пензионирање. Гласачките места се отворени , а граѓаните бираат први луѓе во 21 од 85 руски административни области меѓу кои и Москва. Во 16 области се бираат и законодавни тела, додека во другите се одржуваат градоначалнички избори.
Гласањето е прв главен тест за владеењето на претседателот Владимир Путин и премиерот Дмитри Медведен откако предложија зголемување на возрасната граница за пензионирање за мажите од 60 на 65 години, а за жените од 55 на 63 години. Подоцна Путин го модифицираше предлогот со којј жените би можеле да се пензионираат на 60 години.
Опозицискиот лидер Алексеј Навални повика на национални протести денеска. Во пресрет на протестите руските власти приведоа неколку блиски соработници на Навални, кој во моментов се наоѓа во 30 дневен притвор поради, како што тврдат руските власти, прекршување на законот за јавни собири.