Косовското Собрание повторно го одложи именувањето тим за преговори со Белград
Вонредната седница на косовското Собрание, на која треба да се гласа за предлогот на премиерот Рамуш Харадинај за владиниот тим кој ќе учествува на преговорите со Србија во Брисел, повторно е одложена и нејзиното продолжение е закажано за денеска во 18:30 часот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во медиумите се шпекулира дека новото одложување на седницата, која започна околу 9:30 часот утрово и по неколку прекини требаше да продолжи во 16:30, е поради потешкотиите на владејачката коалиција да ги обезбеди потребните гласови за именување на владиниот тим за преговори со Белград.
Харадинај за членови на тимот ги предложи вицепремиерите Фатмир Лимај, Беџет Пацоли и Енвер Хоџај, министерот за јавна администрација Махир Јагчилар, министерот за дијаспора Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите со Србија Авни Арифи. Во составот на делегацијата Харадинај предлага да има и по еден претставник на опозициските партии на Албанците во Собранието, како и експерт од невладиниот сектор.
Шеф на оваа владина група се предлага да биде Лимај, но водач на целата косовска делегација во преговорите за конечно решение на споровите со Србија ќе остане претседателот на државата Хашим Тачи.
Опозицијата ја бојкотира денешната вонредна седница, обвинувајќи ги Харадинај и Лимај и пратениците на партиите кои тие ги водат, дека со ова го минираа донесувањето резолуција во Собранието, што требаше да се усвои на денешната претходно свикана седница на барање на опозицијата, за спречување на Тачи да тргува со територијата на Косово.