Продолжува рочиштето за „Траекторија“
По двомесечна пауза, денеска продолжи рочиштето за предметот на СЈО „Траекторија“ со слушање на останатите прислушувани разговори. Во Кривичниот суд присутни се обвинетите Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски. За случајот во судницата треба да бидат преслушани вкупно 315 прислушувани разговори.
Во аудио материјалите што денеска беа пуштени се слуша како поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески договара патување во Кина за група од пет луѓе, вклучително и за него. Со амбасадорот Оливер Шамбевски разговара за агендата во Кина и за договорени средби со претседателите на „Синохидро“ и „Ексим банка.“ Во друг разговор поранешниот премиер Груевски бара од Јанакиески во изградбата на патиштата да биде вклучен и Љубисав Иванов - Ѕинго.
Груевски, Јанакиески, поранешниот вицепремиер Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Георгиевски, се обвинети дека во 2012/2103 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите до Штип и до Охрид и нанеле штета на државниот Буџет од најмалку 155 милиони евра.