Јанкулоска побара изземање на судијката Кацарска во „Тенк“
На почетокот на денешното рочиште во раздвоената постапка во случајот на СЈО „Тенк“ за набавка на „мерцедесот“ од 600 илјади евра, одбраната на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска побара изземање на судијката Добрила Кацарска, која даде пауза од половина час за претседателот на судот Иван Џолев да се изјасни по барањето на адвокатите.
Адвокатите на одбраната појаснија дека барањето за изземање се однесува на мислење добиено од 27 август од седум члена Комисија за заштита од дискриминација, со кое таа го задолжува судот да ја отстрани веќе утврдената дискриминација во постапката.
За денешното рочиште е предвидено да бидат сослушани шест сведоци предложени од обвинителството. Судијката Кацарска за овој случај закажа 23 рочишта за помалку од 40 работни денови. На претходното рочиште беа сослушани вкупно седум сведоци предложени од обвинителството, кои на некој начин биле вклучени во набавката на возилото во 2012 година.
Случајот „Тенк“ на СЈО се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, случај во кој веќе е осуден поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор и поранешниот премиер Никола Груевски осуден на две години затвор како поттикнувач за извршување на делото.