ВМРО-ДПМНЕ обвини за злоупотреби, СДСМ одговори дека референдумот е непартиски
ВМРО-ДПМНЕ бара владата за време на кампањата за референдумот да ги запре сите тендери и времени вработувања како што е правило и за избори. Во спротивно опозицијата смета дека владата ја злоупотребува власта за партиски цели, за купување и корупција на гласачите и не прави разлика меѓу партијата и државата.
"Сите зафати на оваа власт во ова време, најмалку од распишувањето на референдумот, се зафати со лукративни побуди, преку злоупотреби да се оствари политичка победа на политичката партија од која потекнуваат. Тоа е корупција, тоа е криминал. И во целост е спротивно на европските вредности, за кои сега лажно се трошат буџетски пари", обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ одговорија дека референдумот е непартиски и дека не се злоупотребуваат државните средства.
"Нема никаква злоупотреба на државни средства, ниту пак на ресурси.
Кампањата за референдумот не е ниту партиска ниту изборна кампања. Совршено јасно е дека информативната кампања за референдумот е за иднината, за придобивките од процесот на евроинтеграцијата и членството во ЕУ и НАТО, за реализирање на врвните национални и државни интереси на Македонија. Влезот во ЕУ и НАТО и обезбедувањето на македонската иднина е над сите политички партии, над сите меѓупартиски полемики", се вели во соопштението од СДСМ.