Одложено судењето за случајот на СЈО „Тенк“
Судењето за предметот на СЈО „Тенк“, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски, е одложен за 12, 13 и 16 февруари. Тие во случајот се обвинети за набавката на мерцедесот од 600 илјади евра.
Судијката Добрила Кацарска го прифати барањето на адвокатот Богољуб Софрониевски за одложување на рочиштето, бидејќи немал доворно време за подготовка, имајќи предвид дека и вчера бил ангажиран како бранител на Ѓоко Поповски.
Според обвинението на СЈО во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице го искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко возило „Мерцедес С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.
Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.