Протест и контра протест во Солун за Македонија
„Македонија е Грција“, пишува на паното закачено од рано утрово над бината во центарот на Солун, каде што во 14 часот по локално време ќе се одржи долго најавуваниот протест против името Македонија. Грчкиот град денеска живее во ритамот на демонстрациите, со зголемено полициско присуство и поради протестот, но и поради контра-протестот што го организираат анархистички и левичарско ориентирани организации.
Во центарот на Солун од вчера веќе се залепени плакати како најава за собирот, на кои пишува „Македонија значи Грција“. А токму ова заедно со слоганот „Македонија е една и грчка“ се очекува да биде главното мото на протестот. Демонстрантите веќе пристигнуваат организирано со 500 автобуси од цела Грција.
Организатори на собирот се грчки здруженија и организации од дијаспората, а имаат поддршка, меѓудругото, и од политички партии, спортски и христијански здруженија, градоначалници и митрополити од различни општини. Преку протестот, бараат да не се користи терминот „Македонија“ во името на нашата земја.
Од политичките партии што се дел од грчкиот парламент, Сојуз на централисти и Златна зора, официјално соопштија дека ќе учествуваат во собирот, а не е исклучена можноста меѓу граѓаните да има пратеници и од другите грчки партии, меѓу кои и членови на Независни Грци, коалицискиот партнер во грчката влада.
Солунскиот фудбалски клуб ПАОК, на чии натпревари во минатото доста често имало слогани и паноа „Македонија е грчка“, преку соопштение вели дека Македонија е нивниот дом и историја и е историски една и грчка. Од клубот, објави МИА, соопштуваат дека во пресрет на протестот, ПАОК го обединува својот глас со „милионите граѓани што го делат истото мислење“.
Организираниот превоз за сите оние што од цела Грција сакаат да стигнат во Солун е со туристички автобуси, но и меѓуградската линија што ги поврзува двата градови нуди попуст на сите они што од грчката престолнина сакаат да учествуваат на протестот.
Еден час порано, во 13 часот, левичарски движења и анархистички организации организираат контра протест во другиот дел од градот. Според објавените соопштенија на анархистички сајт, тие ќе се соберат против национализмот, затоа што, велат дека национализмот значи крв, насилство, војна и смрт, а „фашистите секаде во светот говорат ист јазик“.