Лавров: Македонија ќе треба да направи отстапки за името
Интензивирањето на разговорите за името на Македонија е поврзано со желбата на САД оваа држава да ја внесат во НАТО, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на годишната прес-конференција на руското МНР во Москва. Тој рече дека по „долгогодишниот полусон“ разговорите сега се интензивираат, не поради приближување на двата балкански народи, туку поради желбата на некои едната од нив да стане членка на НАТО.
Лавров истакна дека Македонија која сака да стане членка на НАТО ќе треба да ги направи отстапките, за разлика од Грција која е веќе членка на Алијансата. На прашањето дали Москва ќе го прифати евентуалното ново име на Македонија која од Русија е призната под уставното име, Лавров рече дека било какво име што ќе го договорат Атина и Скопје, а кое официјално ќе биде внесено во уставот на Македонија, ќе биде прифатено од руска страна.