Владата ги објави платите на министрите: Заев највисока, Шаќири најниска
Владата денеска, на својата официјална веб-страница, ги објави платите во министерскиот кабинет на премиерот Зоран Заев. Најголема плата зема Заев, чија основна плата е 78.840 денари, а со пресметан стаж од 22 години неговата плата е 87.813 денари. На второ место е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој добива 85.113 денари личен доход (со 18 години стаж). Следува министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска која зема 74.273 денари (28 години работен стаж).
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, добива 72.989 денари, а министерката за култура Ирена Стефоска 72.670 денари. Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи имаат идентична плата – 71.385 денари. Првиот вицепремиер Артан Груби е платен со 70.102, колку што е платата и на Бујар Османи, министерот за надворешни работи.
Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба со корупција, добива 68.179 денари, колку што е месечниот доход и на министерот за здравство Венко Филипче. Горан Милевски, министерот за локална самоуправа, има 70.102 денари и повисоко котира од Николовски и Филипче. Повеќе од овој двоец добива и Фатмир Бесими, министерот за финансии, со 69.783 денари.
Нешто над 68.000 денари добиваат Мила Царовска, Бојан Маричиќ, Крешник Бектеши, Арјанит Хоџа и Благој Бочварски. Најнископлатени се Насер Нуредини и Јетон Шакири со нешто повеќе од 65.000 денари.