Николовски – Нема недопирливи, секој што го прекршил законот ќе одговара
Членовите на Владата и нивите советници ќе подлежат на тест за проверка на интегритетот, најави денеска вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски. Тој најави дека ќе има и уредби со кои ќе се ограничи користењето на службените картички, возила и останатиот имот со кој располагаат функционерите.
На прес-конференцијата во Владата, Николовски рече дека нема недопирливи и оти секој што го прекршил законот, ќе сноси одговорност. Посебен фокус ќе биде ставен на случаите за кои постои сомнеж за висока корупција. Тој вели дека 2021 ќе биде антикорупциска година во која ќе се води кампања за подигнување на свеста кај граѓаните за негативните ефекти на корупцијата, а во секое Министерство ќе се избира најдобар административец на годината со цел да се зајакне свеста за борбата против корупцијата.
Тој нагласи дека се прави и анализа на дискреционите права на функционерите и потеклото на имот, за кои, како што најави, ќе следат неколку законски решенија.
Годинава ќе се спроведе и проектот за интероперабилност меѓу сите актикорупциски системи со кој по електронски пат на дневна основа, сите институции ќе може да ги добиваат и разменуваат податоците поврзани со корупцијата. Со ова, според Николовски, ќе има брзи и ефикасни резултати во решавањето на случаите за кои постои сомнеж за корупција.
Заев најави европски план во 10 точки, за ВМРО-ДПМНЕ тоа се стари ветувања
Во соработка со Министерството за правда годинава ќе се работи и на екипирање и дигитализација на истражните центри во јавните обвинителства, бидејќи е констатирано дека само четири од вкупно 23-те основни јавни обвинителства имаат некаков вид на истражувачки центри кои, иако се оперативни, не се доволно екипирани и дигитализирани.