Честитка од Пендаровски за Божик
Претседателот на државата Стево Пендаровски упати честитка по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божик.
„Божик е празник кој традиционално го славиме со најблиските и кога нашите домови се исполнети со луѓе со добра мисла. Но, годинава Божик го празнуваме во поинаква атмосфера, предизвикана од пандемијата поради што треба доследно да ги почитуваме пропишаните мерки за заштита“, вели Пендаровски.
Тој во честитката наведува дека само со јазикот на љубовта, простување и помагање, со солидарност и сплотеност „саќе можеме да излеземе како победници“ не само во борбата со пандемијата, туку и со сите други проблеми и потешкотии, порача Пендаровски.
Пендаровски упати писма со честитки до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима, г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев.
Пендаровски наведува дека во вакви времиња е потребна верба, позитивна енергија и меѓусебно почитување.
Божикните празници, порачува тој, нека бидат дополнителен мотив да истраеме наспроти сите искушенија.