Инспекторите ќе проверуваат дали биле прекршени протоколите за прославата од ДУИ
Инспекторатот ќе проверува дали биле прекршени протоколите од фукционерите на ДУИ, кои вчера се собраа во просториите на новиот барокен објект на Министерството за политички систем.
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Грашкоска денеска рече дека сите инспекторати постапуваат неселективно, а така ќе биде и во овој случај.
„Надлежната инспекција ќе провери дали имало прекршување на протоколите и дополнително ќе бидете известени за се што ќе биде констатирано од нивна страна“, рече Грашкоска, одговарајќи на новинарски прашања.
Претходно денеска министерот за политички систем, Артан Груби, во изјава за неколку македонски медиуми рече дека функционерите на ДУИ на вчерашната роденденска забава на нивниот лидер, Али Ахмети, во новите простории на Министерството за политички систем, ги почитувале здравствените ковид протоколи и само за кратко ги тргнале маските за да се фотографираат,
Одговорот на Груби доаѓа по вчерашните и денешните обвинувања од јавноста и од опозицијата дека од фотографијата што ја објави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се гледа дека никој не носи маска за заштита. ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, сите присутни на забавата во Министерството за бидат казнети. Лидерот на ДУИ вчера го прослави 62. роденден, а сопартијците го искористоја неговото присуство во новите простории на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за да му приредат мала забава.
Министерот Груби тврди дека целиот вчерашен настан на вселување во новите простории на Министерството, што тој го предводи, бил организиран согласно со протоколите за заштита од ковид-19, а дека фотографијата била само момент од изненадувањето за лидерот Ахмети.
Османи – Не славевме роденден на Ахмети, изненадување беше
И министерот Бујар Османи, во изјава за Радио Слободна Европа, негираше дека имало забава. Тој вели дека имало само роденденско изнанадување, и се почитувале протоколите.