Има можност ковид вакцините да стасаат пред март, вели Филипче
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека верува оти има можност одредена количина на вакцини против ковид-19 да пристигне во земјава и пред март и додаде дека нема цена што Владата нема да може да ја плати за вакцината.
Според Филипче, освен со Бугарија, Грција и Полска, се преговара и со Австрија, паралелно со тоа течат и разговорите со производителите на вакцини, а вакцини се очекуваат и преку Ковакс системот.
„Која вакцина ќе биде прва преку Ковакс, за жал не знае ниту една земја која партиципира во системот. Очигледно е дека сите земји кои преку Европската комисија имаа привилегија да ги добијат први вакцините, добија многу помали количини од она што очекуваа. Затоа овој систем на солидарност којшто беше предвиден, малку се одложува. Ние сме во комуникација со сите европски држави кои ги понудија механизмите за помош и верувам дека ќе има начин и пред март вакцините да стигнат во нашата земја“, изјави Филипче по посетата на Поликлиниката Шуто Оризари во Скопје.
Филипче: Без почитување на мерките може да има мини пик
На новинарско прашање дали воопшто ќе биде потребна вакцина доколку вирусот природно исчезне, Филипче рече дека за да спласне вирусот потребно е да има имунизација со кој ќе се достигне степен на колективен имунитет од 60 до 70 проценти од населението.
Пред неколку дена, премиерот Зоран Заев изјави дека вакцинацијата против ковид-19 би требало да почне од март следната година.