Се повеќе угостители не ги почитуваат мерките, ќе има почести контроли
Бројот на угостителски објекти кои не ги почитувале протоколите за работа во изминатата недела се зголемил за 50 проценти во однос на неделата пред тоа и затоа надлежните инспекциски служби најавуваат засилени контроли и неселективно постапување за новогодишните празници, информираа денеска надлежните инспектори.
„На ден сме пред новогодишната ноќ и ја користам приликата да апелирам граѓаните да ги почитуваат мерките, да празнуваме одговорно во кругот на семејството, да се воздржиме од големи прослави и да нема гурпирање. Надлежните инспекциски служби во текот на новогодишните празници ќе спроведуваат интензивни контроли на терен со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштити здравјето на граѓаните“, рече на денешната прес-конференција, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашковска.
Засилени контроли на угостителските објекти и за Нова Година
Таа соопшти дека во перидот од 21 до 27 декември бројот на затворени угостителски објекти е зголемен во споредба со периодот од 14 до 20 декемри за 50 проценти.