Демократскиот сојуз на Косово го кандидира Хоти за премиер
Кандидат за нов косовски премиер од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) ќе биде досегашниот премиер Авдулах Хоти, изјави денеска претседателот на партијата, Иса Мустафа.
Мустафа изјави дека тоа е одлука на претседателството на партија и додаде дека во ЛДК вооошто не се разгледувал профил на друг кандидат, пренесува Коха. Изборите треба да се одржат во почетокот на следната година и дотогаш Хоти ќе остане премиер.
Мустафа и посака среќа на изборите и на поранешната претседателка на партијата и актуелна в.д. претседателка на Косово, Вјоса Османи, која на изборите ќе излезе со своја листа.
Хоти ja прифаќа одлуката на косовскиот Уставен суд
Инаку Уставниот суд претходно донесе одлука дека изборот на влада на премиерот Авдулах Хоти е незаконски, бидејќи еден член на парламентот кој гласаше за владата имал затворска казна. Гласот на пратеникот Етем Арифи беше еден од 61 за владата на Хоти во парламентот со 120 места.