Уште пет години извоз на овошје и зеленчук од Македонија и Западен Балкан во ЕУ без царина
Производителите и извозниците на овошје и зеленчук од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија и во следните пет години ќе продолжат да ја продаваат својата стока без царини на купувачите во Европската унија, јави дописникот на МИА од Белград.
Одлуката на Европската унија за Автономни трговски мерки (АТМ) со која до крајот на 2025 година се продолжуваат досегашните трговски повластици за извоз на производи што не се опфатени со Договорот за стабилизација и асоцијација (СПП), или за кои ССП е понеповолен, беше објавена во Службениот весник на ЕУ и стапува на сила утре. Одлуката, која се обновува на секои пет години, на предлог на Европската комисија, ја донесе Европскиот парламент и ја потврди Советот на ЕУ.
Покрај јаболка, сливи и слатка пченка, без царински товар, во следните пет години, од Западен Балкан ќе се извезува во ЕУ, меѓу другото и компири, тиквички, печурки, грозје, кајсии, цреши, вишни, нектарини, праски, јагоди, јаткасти плодови, дињи и разни агруми…
Според АТМ и на производителите на вино од регионот, им се продолжува можноста за извоз на дополнителни 30 илјади хектолитри годишно, откако ќе се искористат квотите одобрени од ЕУ за економиите на Западен Балкан поединечно, согласно билатералните договори.