Бугарија протера руски дипломат поради шпионажа
Бугарските власти му дадоа 72 часа рок на руски дипломат да ја напушти земјата, обвинувајќи го за шпионажа. Тоа е шести случај руски дипломат или службеник во руската амбасада во Софија да биде протеран поради сомневање за шпионажа од октомври 2019 година.
Бугарското Министерство за надворешни работи го прогласи за „персона нон грата“ дипломатот од руската амбасада „поради активности некомпатибилни со неговиот дипломатски статус“, се вели во соопштението.
Бугарските обвинители издадоа посебна изјава во која се тврди дека од 2017 година до сега дипломатот „се занимавал со шпионски активности, при што собирал воени информации, вклучително и за бројот на американските трупи распоредени на бугарска територија за време на вежбите“.
Целта било да се пренесат тие информации на руското воено разузнавање, соопшти обвинителството, додавајќи дека имаат докази дека дипломатот контактирал со бугарски државјанин со пристап до класифицирани информации за кои му биле понудени пари.