Мицкоски најави нов протест на опозицијата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за утре најави нов протест „против негаторите на македонската историја, идентитет и јазик“. Повод за протестите се ставовите за историјата на премиерот Зоран Заев искажани за бугарски медиуми, во кои меѓу другото тој рече дека во Втората светска војна немало бугарска окупација, туку бугарска администрација. Мицкоски бара оставка од Заев.
Протест во 7 градови: „Оставка на Заев, слобода на народот”
„Сега е времето кога треба да се протестира, за утре да не биде предоцна“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Протестот ќе почне во 12:30, а поради пандемијата на коронавирус, ќе се одржи со автомобили. Колоните со автомобили ќе тргнат од две локации – Спортскиот центар Борис Трајковски во Карпош и спортската сала Јане Сандански во Аеродром, а ќе заврши пред зградата на владата.
ВМРО-ДПМНЕ организираше протести со автомобили пред владата и во четвртокот, по интервјуто на премиерот Зоран Заев кое предизвика бурни реакции во јавноста.
ВМРО-ДПМНЕ вчера организираше протести во Скопје, а денеска во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола.