Црвенковски го замрзнува членството во СДСМ додека партијата не се огради од ставот на Заев
Поранешниот претседател на СДСМ и поранешен претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, вели дека ставовите и тезите искажани во интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Црвенковски, во изјава испратена до медиумите, вели дека е направена огромна и непоправлива штета и најавува дека ќе го замрзне членството во СДСМ додека партија не се огради од ваквите ставови.
Заев во интервјуто за БГНЕС вели дека „Бугарија не е фашизам, дека Југославија не разделила со Бугарија и дека имаме заедничка историја“.
Борците навредени, Заев ги разбира негативните емоции
„Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата“, вели Црвенковски во обраќањето до сопартијците, испратено до медиумите.
Црвенковски ги повикува членовите на СДСМ под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО, ниту на СДСМ во целина.
Стефоска: Вили Брант во Полска клекна на колена и побара прошка
„Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, вели Црвенковски.