Во Русија досега над 2 милиони заразени со ковид
Рускиот министер за здравство ги повика регионалните лидери да преземат понатамошни чекори за забавување на ширењето на заразата со ковид-19, откако бројот на потврдени случаи со коронавирус надмина два милиони, а дневните бројки на починати и новоинфицирани достигнаа највисоко ниво.
Во изминатото деноноќие се регистрирани 23.610 новозаразени, од кои само во Москва има 6.438 нови случаи. Досега во земјата се потврдени 2.015.608 случаи со ковид-19. Во земјата во изминатите 24 часа се регистрирани 463 смртни случаи поврзани со ковид, со што бројот на жртвите достигна 34.850.
Русија, која има огромна програма за тестирање и околу 145 милиони жители, се наоѓа на петто место по број на заразени случаи во светот по САД, Индија, Бразил и Франција.
И покрај напливот на нови случаи, властите се спротивставија на воведување целосни ограничувања, како што тоа го сторија претходно оваа година. Наместо тоа, тие воведоа строги правила за носење маски и ракавици и ја истакнаа важноста на хигиената и физичкото дистанцирање. Некои региони донесоа свои мерки.
Министерот за здравство Михаил Мурашко рече дека шефовите на регионите со високи стапки на инфекции треба да ги искористат своите овластувања и да воведат нови мерки за ублажување на ситуацијата, вклучително и насочени ограничувања.
Путин - Епидемиолошката ситуација и натаму компликувана
„За жал, не сите регионални шефови досега го искористија ова право“, вели Муришко, за агенцијата РИА.
„Ситуацијата со ковид е многу напната”, рече Дмитриј Песков, портпарол на претседателот Владимир Путин. Тој вели дека оваа тема сега е приоритет за претседателот.