ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Филипче, министерот се закани со тужба
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара оставка од министерот за здравство, Венко Филипче, со обвинување дека „го заташкува“ случајот со смртта на 41-годишната пациентка во штипската болница.
„Нашите извори говорат дека кога се случила драмата на Инфективното одделение во Штип, директорот на Клиничката болница близок кадар на Венко Филипче - Ален Георгијев бил на смена како дежурен лекар токму на тоа одделение“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, на денешната прес-конференција.
Обвинувањата веднаш ги демантираше министерот Филипче кој побара јавно извинување или ќе поднесе тужба за клевета.
„ВМРО-ДПМНЕ на најподмолен начин се обидува да собере политички поени од прерано згаснат човечки живот. Во моментов течат законските рокови за случајот во пациентката од Штип. Директорот на болницата најдоцна до утре треба да испрати извештај до ДСЗИ, по што ќе се формира Комисија за вонреден стручен надзор. Ова е независен надзор. Од партијата или не го познаваат системот на надзори или свесно манипулираат како што всушност се однесуваат цели осум месеци од почетокот на кризата. Барам итно извинување за ова грозно обвинување во спротивно ќе поднесам тужба за клевета“, објави Филипче на фејсбук.