Новинар на Радио Слободна Европа убиен во Авганистан со подметната бомба
Новинарот на Радио Слободна Европа, Илјас Даје, беше убиен денеска во авганистанската провинција Хелмад, откако експлодирала бомба поставена на неговиот автомобил.
Омер Зак, портпарол на гувернерот на провинцијата, за Радио Слободна Европа изјави дека бомбата прикачена на автомобилот на Даје го убила новинарот и повредила уште тројца, вклучувајќи го и неговиот брат. Никој сè уште не ја презеде одговорноста за нападот.
33-годишниот Даје работеше за Радио Слободна Европа во Авганистан, локално познато како Радио Азади.
Портпаролот на авганистанското претседателство, Сидик Сидики, го осуди убиството на Даје, велејќи дека непријателите на слободата на изразување и медиумите во Авганистан стојат зад нападот.
„Шокирани сме и тажни од загубата на Мохамад Илјас Даје, храбар и посветен колега, кој никогаш не се поколеба во одлучноста да ги пренесе вестите од неговата родна провинција Хелманд“, изјави вршителката на должноста претседателка на Радио Слободна Европа, Дејзи Синделар.
„Неговото убиство е кукавичко, одвратно дело што уништува едно младо семејство и го остава Авганистан лишен од талентиран репортер, кој сведочеше за промените што се случуваат во неговата земја. Зголемената закана за насилство врз новинарите треба длабоко да ги загрижи сите посветени на безбедна и мирна иднина за Авганистан “, додаде таа.