По отфрлените приговори, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужби до Управниот суд
ВМРО – ДПМНЕ останува на барањето за физичко пребројување на гласовите од сите 3.480 избирачки места и најави дека ќе поднесе тужби до Управниот суд.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека со одлуката на Државната изборна комисија да ги одбие поднесените приговорите и да издаде решение со таква одлука го наштети изборниот резултат постигнат на предвремените парламентарни избори и со тоа нанесе штета на севкупниот изборен процес, но и врз угледот на Република Македонија. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе тужби до Управниот суд по решенијата од ДИК“, соопштија од партијата.
ДИК ги отфрли сите приговори за резултатите од гласањето
ВМРО-ДПМНЕ поднесоа два приговори до ДИК во однос на барање на физичко пребројување на гласачките ливчиња од сите избирачки места во државата, како и во делот на свесната кампања со наведување на гласачите за уништување на гласачко ливче.
Од партијата соопштија и дека бројките објавени од страна на ДИК во Заклучокот за објавување на резултатите, односно вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња заедно со број на употребени важечки и неважечки гласачки ливчиња кои што се објавени во Заклучокот, е помал од бројот на избирачи запишани во Избирачкиот список. Според ВМРО – ДПМНЕ, тоа остава сомнеж за тоа каде се останатите гласачки ливчиња кои што недостасуваат согласно објавениот Заклучок на ДИК.