Судење за „ТНТ“ - Трајковски стражарно ќе биде спроведен ако утре не се појави
Судијата Огнен Ставрев за утре го одложи судењето за „ТНТ“, откако третообвинетиот, екс-градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски не се појави во Судот. Неговиот адвокат рече дека Трајковски бил нападнат, и поради здобиените повреди од физичкиот напад треба да направи дополнителни испитувања. Судот нареди Трајковски за утрешното рочиште стражарно да биде спроведен.
Судијата рече дека за неговите повреди Судот нема добиено лекарски извештај, а во разговор со лекарот Судот е известен дека обвинетиот Трајковски од медицинската установа е отпуштен утрото во добра здравствена состојба и може да го следи претресот.
Адвокатот Јовица Страшевски посочи дека не е во ред Трајковски да биде приведен затоа што неговата реална здравствена состојба е многу лоша. Трајковски во полиција пријавил дека синоќа по претходна вербална расправија со две лица, бил физички нападнат од нив.
Судскиот процес „ТНТ“ се однесува на уривање на „Космос“ на бизнисменот и поранешен пратеник Фијат Цаноски, во кој третообвинетиот е Тони Трајковски, екс-градоначалник на Гази Баба.
По неколку блокади на ова судење, судијата Ставрев сака да го заврши процесот деновиве, бидејќи на две поротнички им истекува мандатот и судењето ќе треба да почне одново.