Заев:Мицкоски нема да дојде на власт
Премиерот Зоран Заев денеска коментирајќи ја изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека ако освојат 80 пратеници во Собранието ќе пристапат кон менување на Преспанскиот договор и враќање на старото уставно име, рече дека тоа нема да се случи бидејќи опозициската партија немало да дојде на власт.
„Го гледам во сите интервјуа вели јас се нарекувам Македонец, зборувам македонски јазик и ќе ја нарекувам државата Македонија. Јас како Зоран Заев исто така ја нарекувам државата Македонија, сум Македонец и зборувам македонски јазик, но како претседател на Владата согласно Уставот и согласно законите ја нарекувам државата Република Северна Македонија, а јас сум Македонец кој зборува македонски јазик. Ако не дај Боже еден претседател на Влада, кој и да е, не го употребува уставното име на државата – Република Северна Македонија треба да знае што следува и тој, а треба да знаат и граѓаните“,рече Заев во одговор на новинарско прашање по денешното потпишување на Договор за државна помош со бугарската софтверска компанија „Скејл Фокус“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа на прашањето дали ако победат на избори ќе биде премиер на Северна Македонија рече дека реалноста не може да ја игнорираат, но ќе се борат да ја променат.
„Ако инсистираме на тоа и се надмудруваме дали ќе биде вака или така, тогаш би бил лажливец да кажам дека нема тоа да биде така, меѓутоа истовремено никој мене на таа маса не може да ми забрани да кажам дека сум Христијан Мицкоски од Македонија, којшто е Македонец и говори македонски јазик“, рече Мицкоски.