Високиот американски дипломат за Украина се повлекува од функцијата
Високиот американски дипломат во Украина, Вилијам Тејлор, ќе ја напушти функцијата наредниот месец, по краткиот мандат во земјата, одбележан од истрагата за импичмент на претседателот Доналд Трамп.
Во вчерашниот е-маил до Њујорк тајмс, тој вели дека ќе се повлече на почетокот на јануари, поради тоа што неговото привремено назначување во Украина истекува во јуни. Администрацијата на Трамп „наскоро ќе номинира постојан амбасадор“, напиша тој без да образложи.
Претходно, повикувајќи се неименувани американски претставници, медиумите објавија дека в.д. амбасадорот во Киев ќе ја напушти функцијата до крајот на овој или почетокот на наредниот месец. По неговото заминување в.д. амбасадор ќе биде неговата сегашната заменичка Кристина Квиен.
Сведочењето на Тејлор пред Комисијата за разузнавање во Претставничкиот дом на американскиот Конрес, која е предводен од демократите, помогна во градењето на случајот за импичмент за претседателот Трамп. Претседателот е обвинет дека, со одложување на воената помош, му вршел притисок на украинскиот претседател Володимир Зеленски да го истражува неговиот политички опонент Џо Бајден.
Тејлор рече дека мислел оти е „лудо“ да се одложува воената помош која на Украина ѝ треба да се бори со проруските сили во источна Украина. Тејлор беше испратен во Украина откако Стејт департментот неочекувано ја отповика амбасадорката Мери Јованович во мај. Тој претходно беше амбасадор во Украина од 2006 до 2009 година.