Брнс: САД е силен поддржувач С. Македонија да биде безбедна демократија
„Соединетите Држави се силен поддржувач на аспирациите на Северна Македонија да биде просперитетна, безбедна и инклузивна демократија, целосно интегрирана во НАТО, во ЕУ и во другите трансатлантски институции. Многу важен дел од тоа е силното безбедносно партнерство меѓу нашите две држави“, изјави амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс за МИА по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата. „Минатата недела во Лондон, бевме сведоци како Северна Македонија првпат седи на масата покрај генералниот секретар на НАТО, опкружена со своите идни сојузници. На почетокот на 2020, очекуваме и официјално да ви посакаме добредојде како наш 30-ти сојузник во НАТО. Во последните неколку месеци, патувам низ земјата, зборувам со студенти и слушам директно од нив. Младите кои ги среќавам се фокусирани на градење на иднина која во предвид ги зема нивните грижи и очекувања за постоење на фер однос, можности и транспарентност“, рече амбасадорката Брнс. Таа додаде дека тоа што денес постои жива дискусија за корупцијата е возможно заради напредокот што е постигнат во промовирањето на транспарентноста и одговорноста – и гаранциите дека за разлика од минатото, злоупотребите не се ставаат под тепих.