Обвинителен акт против судија во Управниот суд
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинителен акт до Кривичниот суд против судија во Управниот суд. Според обвинителниот акт тој ја злоупотребил својата положба и овластување и го оштетил буџетот за 197 илјади евра.
Судијата постапувал по предмет кој го работел претходно, но во својство на адвокат, иако знаел дека тоа е противзаконски и треба да се изземе од предметот. Тој не ги известил надлежните за околностите и ги заобиколил процедурите, со што на крај имотот, плажа во Струга, бил вратен во приватна сопственост, на луѓе кои биле негови роднини, иако земјиштето претставува јавно добро и не смеело да биде вратено во приватна сопственост. За имотот претходно им било платено на сопствениците. Судијата прескокнувајќи процедури овозможил пресудата да биде правосилна.
Спорниот имот од моментот на започнување на истражната постапка е обезбеден со Решение на Основниот суд во Струга со кое е изречена привремена мерка – забрана за отуѓување.