Ерменија ја обвини Турција дека соборила воен авион на земјата
Ерменските власти денеска соопштија дека турски воен авион соборил еден од воени авиони на земјата. Анкара веднаш го отфрли тврдењето како невистинито.
Борбите меѓу Ерменија и Азербејџан околу спорниот регион Нагорно-Карабах се одвиваат трет ден по ред, а двете земји неколку децении се во спор околу територијата. Советот за безбедност на ОН се очекува да одржи вонредни разговори за борбите во кои може да се вовлечат и регионалните сили Русија и Турција, кои се блиски сојузници на Азербејџан.
Портпаролката на ерменското Министерство за одбрана, Шушан Степанјан на Фејсбук напиша дека воениот авион бил на задача во воздушен простор на земјата кога тој бил соборен од борбен авион Ф-16 во сопственост на турските воени сили.
Фахретин Алтун, портпарол на претседателството на Турција, го негираше обвинението.
„Тврдењето дека Турција соборила ерменски борбен авион е апсолутно невистинито. Ерменија треба да се повлече од териториите под нејзина окупација, наместо да прибегнува кон ефтини пропагандни трикови“, рече Алтун.
Итна седница на Советот за безбедност на ОН за Нагорно Карабах
Тој додаде дека се надеваат дека денешниот состанок на Советот за безбедност на ОН ќе воспостави силна основа за решение. Министерството за одбрана на Азербејџан исто така негираше дека турски борбен авион соборил ерменски авион.