Пратениците на БЕСА независни, но остануваат во коалиција со СДСМ
Пратениците од БЕСА денеска преку допис го известиле претседателот на Собранието, Талат Џафери дека во законодавниот дом ќе дејствуваат во рамки на коалицијата „Можеме“ со СДСМ, но како независни.
Партијата, како што навеле од кабинетот на Џафери за МИА, го информирала дека со ова нема да се промени ништо во функционирањето на коалицијата, туку само сакаат да се водат како независни пратеници од БЕСА.
БЕСА има четворица пратеници во Собранието. За да се формира пратеничка група според собранискиот деловник потребни се најмалку пет пратеници. Координаторите на пратеничките групи учествуваат на состаноците кај собранискииот спикер за текот на седниците и точките на дневен ред.
Минатата недела до Џафери стигнале известувања за формирање четири пратенички групи и тоа на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, од ДУИ, од коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ и од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.